Нејмар ќе ги пропушти наредните три натпревари на Пари Сен Жермен, најавуваат некои француски медиуми, и нема да се врати на терен пред репрезентативната пауза. Бразилецот се повреди во првото полувреме на дуелот со Башакшехир од Лигата на шампионите, а тренерот Томас Тухел рече дека станува збор за проблем со мускул во задниот дел на бутниот мускул.
Според најавите, Нејмар сигурно нема да игра викендов против Нант, како и на средбите со Лајпциг на 4 ноември и три дена подоцна со Рен. Нејмар сезонава има два гола и три асистенции на четири настапи во француската лига. Неизвесно е дали ќе може да игра за националниот тим во квалификациите за СП.
Нејмар откако дојде во ПСЖ, има проблеми со повредите, но тоа најчесто беа скршеници на коски во стапалото, па оваа најнова повреда не е толку сериозна и ѕвездата на ПСЖ повторно ќе може да игра во втората половина на ноември.