Познато зошто Ленард не заигра покрај Леброн во Лејкерс

Ако треба да се бара виновник што Леброн Џејмс и Кавај Ленард не играат во ист тим, може да се најде во вујкото на Кавај, Денис Робертсон. Тој ги водел сите преговори во текот на летото со клубовите кои имаа можност да го ангажираат популарниот Канџа, а предност имаа екипите од Ел Еј, Лејкерс и Клиперс.

Робертсон наводно им поставил нереални, а воедно и нелегални услови на управата на Езерџиите, како: акции од самиот клуб, приватен авион кој би бил достапен во секое време, потоа куќа, како и гарантирана сума на пари од спонзорски договори. Дел од овие услови се нелегални според правилникот на НБА-лигата, па затоа челниците на Лејкерс одбиле да продолжат со преговорите.

Набрзо потоа Ленард заврши кај соседите Клиперс, заедно со Пол Џорџ направија динамично дуо и сега се конкуренти за шампионскиот прстен.

Инаку за католички Божиќ, Џејмс и Ленард ќе се судрат во „Стејплс центарот“, по вторпат оваа сезона откако Лејкерс и Клиперс ја отворија сезоната.

Канџата сезонава настапи на 23 меча на кои просечно реализира по 25,5 поени, 7,8 скока и 5,1 асистенции.

- Оглас -

Најнови вести