Реал Мадрид ќе мора да преземе ризичен потег и да ги намали платите за уште 10 проценти поради финансиската криза што ја предизвика пандемијата со корона-вирус.
Празните стадиони ги празнат и фудбалските буџети, по што ќе мора да има и нови мерки за штедење. Проблем е што раководството на Кралскиот клуб е известено од двата главни спонзори „Флај Емирејтс“ и „Адидас“ дека нема да можат да си ги исполнуваат комплетно обврските.
Авиокомпанијата и Реал Мадрид имаа договор со кој во касата на најтрофејниот европски клуб се слеваат 40 милиони евра. Со германскиот производител на спортска опрема дилот е уште помоќен и „Адидас“ има обврска во десетгодишен период да вбризга 1,1 милијарди евра во буџетот на Кралскиот клуб, или по 110 милиони евра годишно.
Но, ова важи во нормални услови, кога има публика на стадионите, а засега е неизвесно кога тоа ќе се случи во Шпанија, па кризата нема да го одмине и Реал Мадрид.
Раководството на клубот веќе им ги намали платите на играчите за 10 проценти, но по сè изгледа, ќе биде неминовно ново кастрење за уште толкав процент во наредниот период.