Во 2007 година, од Феенорд во Реал Мадрид пристигна Ројстон Дренте. Момчето кое едвај имаше 20 години кога пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ потпиша петгодишен договор и требаше да биде еден од оние играчи на кои ќе се темели иднината на Реал Мадрид.
Во првите две сезони Дренте одигра вкупно 54 средби за Реал, но потоа младиот Холанѓанец едноставно го снема. Во третата сезона на теренот се појави само на 11 средби, а потоа беше даден на позајмица во Херкулес, а потоа и во Евертон.
Дренте со години се обидуваше повторно да се врати во форма, но не успеа, па едноставно стави крај на професионалната кариера. Сега Дренте има 35 години и откри дека работи во здравството во Холандија и им помага на луѓето кои се болни од деменција.
„Моето цело семејство работи во здравството. Тетка Хелен е медицинска сеста, а мојата мајка е негователка, па си реков: ‘Зошто јас да не ја поминам обуката и да видам како се снаоѓам во тоа?’ Видов една сосема нова страна. Работата ми помага да станам подобра личност во ова општество. Секогаш сум бил навикнат на гламурот во фудбалот, но ова ме збогати како личност. Тоа е тоа што го барав. Многу се мачев на крајот од кариерата. Важно е тоа што го работиш да те прави среќен“, открива Дренте.