Пред пет дена Кожув загуби со 30 разлика од Куманово, а сега го победи во Купот и широко ги отвори вратите кон финалето

Екипата на Кожув е третиот полуфиналист во кошаркарскиот Куп на Македонија, откако на свој терен во салата „26 април“ го победи тимот на МКК Куманово со 81:69.  Иако играше пред своите навивачи, овој резултат може да се смета како второ изненадување во денешните четвртфинални пресметки, затоа што пред само пет дена, Куманово на свој терен во првенствен меч го прегази Кожув со 30 поени разлика (99:69).

Сепак, дека КУп пресметките нудат посебен мотив и шмек се потврди и со оваа победа на гевгеличани кои од почетокот, па до самиот финиш на мечот беа максимално мотивирани да донесат радост на домашната публика.

Куманово отвори со водство од 6:2, но потоа Кожув со серија од 12:0 стигна до предност од осум разлика (14:6). По таа добра игра, екипата од Гевгелија доби уште поголема самодоверба, па во средината на втората четвртина и за прв пат поведе со двоцифрена предност (32:22), а на полувреме Кожув водеше со 42:29.

Фуриозно отвори Кожув во третата четвртина, па разликата многу брзо се зголеми и на 22 поени (55:33). Уште тогаш беше јасно дека Куманово нема што да бара на овој меч, а Кожув до крајот на средбата ја задржа двоцифрената предност.

Во полуфиналето Кожув ќе игра против тимот на Гостивар кој во првото четвртфиналето го изненади ТФТ Скопје. ГОстивар е послабопласиран од кожув на табелата, што значи дека на гевгеличани им се отвора патот кон финалето на Купот.

 

- Оглас -

Најнови вести