Непосредно пред вчерашното дерби против Лацио, од таборот на Јувентус, потврдија дека Маурицио Сари и во наредната сезона ќе ја предводи екипата. Во пресрет на мечот имаше шпекулации дека Сари би можело да го напушти кормилото на Бјанконерите и со евентуално освоена титула, но директорот Фабио Паратичи демантираше каква било разделба со екстренерот на Наполи.
„Нема сомнежи, Сари и наредната сезона ќе ја предводи екипата. Целта ни е да ја одбраниме титулата, а за Лигата на шампионите ќе размислуваме по 2 август“, истакна Паратичи.
Старата дама со помош на Кристијано Роналдо дојде чекор поблиску до одбрана на Скудетото, односно е на прагот да ја освои деветтата титула во низа. На четири кола до крајот на шампионатот во Серија А, Јувентус има 80 бода, осум повеќе од второпласираниот Интер.