Еден од најголемите европски кошаркари во историјата, Дражен Петровиќ, на денешен датум пред 27 години, го одигра својот последен натпревар во блескавата кариера, која ненадејно заврши на тој 6 јуни 1993 година, на дуелот на Хрватска против Словенија во полскиот град Вроцлав. На Дражен му беше рано за пензија, но судбината си поигра и утредента тој го загуби животот во сообраќајна несреќа во Германија.
Резултатски, мечот Хрватска – Словенија не беше важен, но сите кои играа на него, вечно ќе го паметат. Само еден ден подоцна, кошарката остана без својот Моцарт.
На тој турнир во Вроцлав играше и Македонија, тоа беа нашите први официјални мечеви по осамостојувањето и приемот во ФИБА. На дуелот со Македонија (бевме декласирани со 128-72), Дражен не влезе во игра, а тоа е и најтешкиот пораз во историјата на „црвено-жолтите“.
Во последната минута од средбата со Словенците (Словенија победи со 94-90), Петровиќ изведе две слободни фрлања, го погоди првото, го утна второто и се покажа дека тоа беше негов последен кош во кариерата. После натпреварот, Дражен од Франкфурт реши да оди кон Хрватска со автомобил, со својата девојка Клара. Попладнето на 7 јуни 1993 година околу 17.20 часот, црвениот „голф“ во кој Петровиќ беше совозач, се удри во камион цистерна на автопатот крај Денкендорф во Германија, и кошаркарот на Њу Џерси нетс замина во легендите.