Точно пред една година, на 24 јули, Елиф Елмас го стави потписот на петгодишниот договор со Наполи и стана најскап македонски фудбалер во историјата. Наполитанците му платија 16 милиони евра на Фенехбахче за да ги добијат услугите на нашиот дијамант.
Талентираниот играч за врска на „Фејсбук“ го сподели неговиот најдраг момент во досегашната кариера, а како потврда дека направи вистински избор со преселбата на „Сан Паоло“, е освоениот трофеј во Италијанскиот куп.
Во својата дебитантска сезона во Серија А, Елмас запиша 23 настапи, во кои првиот гол во дресот на Наполитанците го постигна против Сампдорија на 3 февруари, а има и една асистенција. Дополнително настапи во четири средби во Лигата на шампионите, како и пет меча одигра во Купот на Италија, меѓу кои беше и самото финале против Јувентус во кое Наполи славеше по пенал-рулетот.