Премиер лигата размислува да воведе казни за провокативни прослави на голови!

Англиската Премиер лига размислува за воведување санкции за „потсмевање“ и „непристојно“ прославување на головите, пишуваат британските медиуми.

Навивачите сакаат да гледаат како нивните играчи ги провоцираат противниците откако ќе постигнат гол со соодветна тематска прослава. Но, раководството на Премиер лигата размислува да ги казни играчите кои имаат за цел да ги испровоцираат противничките играчи и навивачите со своите прослави.

„Некои прослави се смешни, забавни, но има линија. Кога тоа ќе се претвори во потсмев или критика, тогаш треба да се справиме со тоа“, изјави директорот на Премиер лигата, Тони Сколс.

Минатиот викенд, 18-годишниот напаѓач на Арсенал, Мајлс Луис-Скели го имитираше напаѓачот на Сити, Ерлинг Халанд, при неговата прослава на голот на „Емирати“. За многумина постапката на 18-годишното момче беше непочитување кон ривалот.

Неодамна, напаѓачот на Евертон, Илман Ндијаје, доби жолт картон откако го постигна победничкиот гол на Евертон против Брајтон, а потоа славеше мафтајќи со рацете како галеб (прекарот на Брајтон е Морски галеби).

Капитенот на Лестер, Џејми Варди, исто така се најде на мета на критики за неговата прослава на гол против Тотенхем. Варди постигна гол, па со прст покажа кон логото на Премиер лигата на дресот, исмејувајќи ја празната просторија за трофеи на Спарс и фалејќи се дека за разлика од нив кои се на нула, тој има една титула.

- Оглас -

Најнови вести