Со триумфот на Отвореното првенство на Австралија, Карлос Алкарас стана најмладиот тенисер кој ги комплетирал трофеите од четирите гранслем-турнири. Шпанецот тоа го направи на 22 години и 272 дена. Покрај тоа, Алкарас стана и најмладиот тенисер во историјата кој освоил седум гранслем-пехари, рушејќи го рекордот на легендарниот Бјорн Борг.
Борг до седум титули на гранслем-турнирите стигна со 23 години и четири дена. Рафаел Надал имаше 24 години и три дена, додека Роџер Федерер беше уште постар. Новак Ѓоковиќ е далеку зад сите овие. Србинот имаше 27 години и 45 дена кога го освои шестиот гранслем.
Сепак, на крајот Ѓоковиќ е рекордер со 24 титули на четирите најсилни турнири. Сега шпанските медиуми калкулираат и очекуваат токму Алкарас да биде тенисерот кој ќе го симне Ѓоковиќ од тронот кога се работи за најмногу освоени гранслем-пехари.

Калкулациите велат дека доколку Алкарас го задржи просекот од два освоени гранслема на годишно ниво, Шпанецот до бројката од 24 трофеи на најелитните турнири може да стигне кога ќе има 31 година, а според пресметките, тогаш би имал можност и да го надмине рекордот на Србинот.
Тоа значи дека ако Алкарас продолжи во овој ритам, ќе има големи шанси да дојде до приматот тенисер со најмногу освени гранслем-титули, но тоа ќе треба да се докаже во годините кои доаѓаат.

