Манчестер сити во својот најнов финансиски извештај објави новости поврзани со 115-те обвиненија за кршење на финансискиот фер-плеј (ФФП), додека со нетрпение и понатаму се очекува конечната пресуда. Иако сослушувањето заврши пред повеќе од еден месец, клубот од „Етихад“ сè уште не знае дали ќе се соочи со санкции поради наводните прекршувања на правилата во деветгодишниот период, од 2009 до 2018 година.
Сослушувањето за наводните неправилности започна уште во септември 2024 година и траеше десет недели, но исходот сè уште е непознат. Долгото траење на процесот предизвика бројни критики. Додека се чека одлуката, во јавноста сè погласно се шпекулира за можните казни. Се споменуваат одземање титули, драстично одземање бодови, па дури и исфрлање од лигата доколку Сити биде прогласен за виновен.
Клубот ја прекина тишината во финансискиот извештај објавен оваа недела. Во него се наведува:
„На денот на објавување на овие извештаи, независната комисија сè уште е во процес на разгледување на предметот. Врз основа на својата проценка за изгледите и одржливоста на Групацијата, директорите потврдуваат дека имаат разумно очекување дека Групацијата ќе може да продолжи со работењето и да ги исполнува своите обврски како што доспеваат во рок од 12 месеци по одобрувањето на овие финансиски извештаи. Следствено, финансиските извештаи се подготвени според принципот на континуирано работење.“
Многу фудбалски навивачи сметаат дека одлуката доцни. Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, уште во февруари изјави дека очекува „пресуда и казна“ во рок од еден месец, а неодамнешните гласини сугерираа дека новостите би можеле да пристигнат за време на репрезентативната пауза во ноември.
Поранешниот финансиски советник на Манчестер сити, Стефан Борсон, сега тврди дека пресудата би можела да биде објавена пред Божиќ.
„Мислам дека Сајмон Џордан смета дека ќе излезе следната година, јас мислам дека сè уште може да излезе пред Божиќ. Одлуката е неизбежна веќе некое време, не можат многу да направат. Не трае тоа толку долго“, изјави тој.
Објавувањето на пресудата нема да значи крај на оваа долготрајна приказна. Се очекува Манчестер сити да поднесе жалба на секоја неповолна одлука, а би можел да побара и отштета во случај на победа на суд. Двата сценарија ќе водат кон понатамошни правни битки и одложувања. Од друга страна, и други клубови би можеле да побараат отштета доколку Сити биде санкциониран.
Адвокатот Јасин Пател за „Би-Би-Си“ појасни што може да се очекува:
„Што и да произлезе од ова, се плашам дека тоа не е крај на трката за титулата за двете страни овде. Ова е трка со два коња која ќе продолжи. Каква и да биде пресудата, не би помислил дека тоа е крај. Би се жалел, без разлика дали сум на едната или на другата страна.“

