Макс Рошкоф е борецот кој неславно се прослави во неговиот прв настап во УФЦ шампионатот. Дебитантот загуби од Остин Хубард откако реши да ја прекине борбата пред почеток на третата рунда. Не беше толку спорно што борбата е прекината, туку фактот дека борецот го молеше својот тренер да најави крај на мечот, а овој веруваше во својот пулен и постојано го бодреше и го тераше да продолжи мечот.
Од целата ситуација постои и видеозапис на кој Рошкоф постојано вели мечот да биде прекинат, а неговиот тренер му вели „Можеш да победиш. Го имаме. Остани на нозе. Оди во клинч. Престани, ти си првак…“. И покрај убедувањата на тренерот, борецот на крајот реши да не продолжи, а сега се кае за таквата негова одлука. Тренерот Роберт Дрисдејл вели дека не жали што го терал борецот да продолжи.
„Не ми е жал затоа што направив правилна работа. Повторно би го направил истото. Да можам би променил само една работа, ќе инсистирав уште повеќе да не се откаже од борбата. Работата на тренерот е да го турка спортистот до крајните граници на техничката, физичката и психичката издржливост. Мислам дека Макс го загуби разумот. Беше многу уморен и слаб во психата“, објасни тренерот Дрисдејл.
Многумина го критикуваа тренерот за суровост бидејќи не сакал да му дозволи на борецот да се предаде, но Рошкоф застана во одбрана на својот тренер.
„Ако немаше претставник од комисијата, мислам дека тој Роберт ќе ме вратеше во борбата. Ќе продолжев да се борам и немаше сега да објаснувам. Тој човек ми даде сместување кога ми беше најпотребно и поради него јас не спиев во автомобил. Јас воопшто немаше да бидам дел од УФЦ доколу не беше тој човек. Јас бев тој кој дојде кај него на врата и го замилив да ми биде тренер. Тој секогаш е со мене и секогаш ми помагал. Роберт ја направи вистинската работа и не заслужува критики затоа што поради него јас сум тука каде што сум“, објасни борецот Макс Рошкоф.