Претседателот на Атлетико Мадрид, Енрике Сересо, денеска изјави дека би сакал Лионел Меси и Кристијано Роналдо повторно да играат во Ла Лига.
Договорот на Меси со ПСЖ истекува на крајот од сезоната и речиси сите релевантни медиуми пишуваат дека Аргентинецот се наоѓа пред камбек во Барселона, од каде што си замина во 2021 година. Медиумите известуваат дека таткото и агент на Лионел, Хорхе Меси, веќе неколку пати разговарал со претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, околу можното враќање на Аргентинецот.
За разлика од Меси, Кристијано Роналдо нема шанси да се врати во Ла Лига бидејќи на 1 јануари го потпиша најголемиот договор во историјата на фудбалот кој ќе му носи неверојатни 200 милиони евра по сезона. Португалецот настапува во Саудиска Арабија за екипата на Ал-Наср.
„Би било фантастично да се врати Меси во Ла Лига, како и Кристијано Роналдо. И двајцата играат одлично и навистина би било добро за Ла Лига да се вратат назад“, изјави Сересо.
Лионел Меси од својата 13-та година го носеше дресот на Барселона, додека Роналдо од 2009 до 2018 година настапуваше за Реал Мадрид.