Претседателот на Барселона потврди: Чави ќе биде тренер на Барселона

Некогашната играчка легенда на Барселона, Чави Ернандес, ќе биде тренер на каталонскиот гигант, потврди првиот човек на клубот Хосеп Марија Бартомеу. Претседателот Бартомеу вели дека Чави ќе седне на клупата на екипата од „Камп ноу“, но засега тоа не е опција затоа што Кике Сетјен има задача да ја доработи сезоната.

„Порано или подоцна, Чави ќе биде тренер на Барселона. Но, сега не бараме нов тренер. Го имаме Сетјен. Имаме многу нетипична сезона и ќе играме дури и во август, а Сетјен сигурно ќе го води тимот. Ако го победиме Наполи, ќе играме и во финалната фаза од Лигата на шампионите“, објасни Бартомеу.

Чави е „дете на Барселона“ кое ги има поминато сите младински категории во „Ла Марија“, а потоа речиси две децении го носеше дресот на каталонскиот гигант. Со Барселона ги освои сите најзначајни трофеи, но во 2015 година реши да си замине и четири сезони помина во тимот на Ал-Сад во Катар.

Откако минатата година реши да стави крај на кариерата, Чави стана и тренер на Ал-Сад. Иако има договор со катарскиот клуб, Чави може веднаш да замине во Барселона затоа што има отворена клаузула ако добие понуда да се врати во неговиот матичен клуб.

 

- Оглас -

Најнови вести