Претседателот на ИХФ ги брани данските судии

Претседателот на Интернационалната ракометна федерација, Хасан Мустафа, застана во одбрана на данските судии Хансен и Гјединг кои ја оштетија Хрватска во натпреварот со Германија. Според Мустафа, обвинувањата на селекторот Лино Червар и Хрватите не се чесни.

„Човечки е да се греши. Грешат и судиите и играчите и тренерите. Кога ќе загубиш, виновни ти се судиите. Сметам дека тоа не е чесно. Овие судии од Данска се меѓу најдобрите на светот. Беа под притисок, а ние разговаравме со нив за да утврдиме во каква состојба се. Сите репрезентации ги третираме идентично, не го кршиме олимпискиот дух. Некоректно е да се кажува дека ИХФ им наредува на судиите како да судат, жал ми е кога слушам вакви обвинувања“, изјави Мустафа.

Иако сите стручњаци се согласуваат дека Хрватите беа оштетени на тој меч со Германија, ИХФ ќе покрене истрага и можна дисциплинска постапка против четворица Хрвати, од кои тројца се ракометари, за некоректно однесување за време и по мечот.

Со поразот од Германија, Хрватска ги загуби шансите да се пласира во полуфиналето на СП, а вечерва игра против силната Франција.

- Оглас -

Најнови вести