Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, поднесе тужба до УЕФА против Пари Сен Жермен, Јувентус и Манчестер сити со тврдење дека овие три клуба ги прекршиле правилата на финансискиот фер-плеј, а при тоа не се изнесени санкции против истите.
На Тебас не му е јасно како ПСЖ успеа да му го обезбеди мулти-милионскиот договор на Килијан Мбапе, а притоа францускиот првак да пријави загуба од 220 милиони евра за изминатата сезона.
„Ова е скандалозно. ПСЖ пријави 220 милиони евра загуба за сезоната 2021/22, а сепак се расфрли со пари за да го задржи Мбапе. Клубот е околу 700 милиони евра во загуба во изминативе неколку години. Не знам како им успева, но на овој начин се загрозува иднината на европскиот фудбал“, истакна Тебас.
Тебас воедно побара да му се објасни како Мино Рајола, починатиот фудбалски агент кој почина неодамна, успеа да изнуди 40 милиони евра бонус при реализирање на трансферот на Ерлинг Халанд во Манчестер сити, кој изнесуваше 60 милиони евра.
Од ноември минатата година Јувентус се најде под нова истрага околу сомнителни суми за неколку трансфери, па Тебас бара и УЕФА да се вклучи во случајот.