Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, жестоко ја критикуваше кампањата на Реал Мадрид во последните недели, при што Kралевите систематски ги напаѓаат судиите во домашното првенство. Ова дополнително ја вжешти атмосферата во шпанскиот фудбал откако Реал Мадрид имаше сериозни поплаки за недоделениот црвен картон на натпреварот против Еспањол и побара пристап до снимките од разговорите на судиите за време на натпреварот.
Денеска се одржа состанок на високо ниво меѓу Ла Лига, Фудбалската федерација на Шпанија и претставници на клубовите и судиите со цел да се разгледа ситуацијата. Останатите клубови од шампионатот зазедоа цврст став и побараа да се преземат соодветни мерки против Реал Мадрид.
„Однесувањето и тезите на Реал Мадрид се спротивни на реалноста. Тие не само што сакаат да ја дискредитираат судиската организација, туку и да им наштетат на своите конкуренти, создавајќи наратив дека се жртви. Капката што ја прелеа чашата беше писмото што го испратија пред неколку дена, но тие продолжуваат да ја градат оваа приказна за жртва“, изјави Тебас.
„Според мене, требаше да им бидат дадени снимките од разговорите, зошто да не? Тоа е мое мислење, но одлуката е на Федерацијата и на Техничката комисија на судиите. Реал не сака да стигне до некаков судски процес, тие едноставно се против сè и против сите. Направија лоша анализа на случајот со Негреира, за којшто имаше истрага против Барселона, но на крајот не се докажаа никакви исплати што влијаеле на испаѓање или промоција на клубови. Сепак, тие продолжуваат да ја преувеличуваат ситуацијата и се однесуваат како да го загубиле разумот. Нивната телевизија е една од најгласните во поттикнување на тензиите, отворено обвинувајќи судии за корупција“, додаде Тебас.