Првиот човек на кошаркарскиот клуб Партизан, Остоја Мијаиловиќ, напиша отворено писмо до фановите на Партизан, Црвена звезда и сите љубители на кошарката во кое предупреди за последиците од евентуални инциденти за време на вечерашното евролигашко дерби помеѓу белградските ривали.
„Вечерва имаме ново дерби во Евролигата, натпревар кој поради нашето ривалство секогаш има огромно значење и привлекува големо внимание. Денеска тоа внимание е дополнително зголемено бидејќи целиот кошаркарски свет на Европа ќе биде насочен кон белградската Арена и нашиот дуел. Ваков интерес нашите тимови заработија со своите настапи на теренот, а нашите навивачи го заслужија со неповторливата атмосфера што ја создаваат на трибините.
На сите играчи на теренот им посакувам многу здравје и добра игра во фер и спортска атмосфера.
Присуството на навивачите на двата клуба во салата бара зајакнување на секторот за безбедност и надзор, што го направивме со двојно зголемување на бројот на обезбедувачи кои го одржуваат редот во салата и контролори на влезовите. Исто така, зголемен е и бројот на безбедносните камери во салата. Клубот организираше и детален преглед на салата што ќе му претходи на увидот на КД од страна на полицијата. Клубот официјално побара асистенција од МВР за контрола на влезовите за да се спречат обиди за влез во салата без валидни билети.
Со ова сакам да им се обратам на сите кои вечерва ќе се најдат на трибините на белградска Арена: Заштитете го дербито на Евролигата и српската кошарка! Веќе во 2026 година ќе се носат одлуки за лиценците во Евролигата за периодот што следи. Белград и Србија се дел од кошаркарската елита, а сега е можност да станат на долг рок. Во фер и спортска атмосфера помина првото евролигашко дерби сезонава, каде членовите на нашата делегација се чувствуваа безбедно, а навивачите имаа можност да го бодрат својот тим. На ист начин да им возвратиме на нашите гости.
Ги повикувам навивачите на двата клуба во салата да се фокусираат исклучиво на кошарката и случувањата на теренот. За жал, има информации дека во салата може да се појават поединци кои не сакаат натпреварот да се одвива во најдобар можен ред, туку да предизвикаат инциденти, кои би го нарушиле имиџот на белградска арена. КК Партизан е спортски клуб и неприфатливо е самоволно да се искористува како средство за остварување на нечии лични, политички или какви било други интереси кои немаат врска со кошарката. Да ги оставиме настрана меѓусебните навреди, политички пароли и ситно профитерство врз основа на сцени кои ниту еден љубител на спортот не сака да ги види. Секој нека го поддржи својот клуб.
Покрај безбедносните камери и зголемените безбедносни сили, вие, навивачите на стадионот, имате важна улога во спречувањето на споменатите настани. Ако забележите нешто што би укажало дека се подготвува инцидент, бидете одговорни и пријавете го на првиот редар. Снимете ја ситуацијата со вашиот мобилен телефон и зачувајте го видеото како доказ. За сето ова е информирана и Евролигата, а нивното обезбедување со големо внимание ќе го следи натпреварот.
Нека победи подобриот ривал на теренот, а се надевам дека тоа ќе биде Партизан!“, напиша Мијаиловиќ.