Рандал Коло Муани е напаѓачот кој неочекувано доби шанса да биде дел од француската репрезентација на Мундијалот во Катар. Коло Муани беше повикан како замена за повредениот Кристофер Нкунку и напаѓачот на Ајнтрахт Франкфурт ја искористува дадената шанса.
Коло Муани имаше само два настапи за репрезентацијата на Франција пред да пристигне во Катар, а на Мундијалот го одигра целиот меч против Тунис во поразот од 1:0, за повторно да добие шанса во полуфиналето против Мароко и максимално ја искористи.
Коло Муани во игра влезе во 78-мата минута, а веќе во наредната минута даде гол за 2:0 и потврди дека Франција ќе игра во големото финале. За Коло Муани ова беше прв погодок во националниот дрес, и тоа само по 44 секунди откако влезе во игра. Тоа е третиот најбрз погодок постигнат од играч кој влегол од клупата за резерви.
Пред Коло Муани се само Ричард Моралес од Уругвај, кој даде гол само по 16 секунди откако влезе на дуелот против Сенегал, додека Ебе Санд во 1998 година постигна гол за Данска само по 26 секунди откако влезе од клупата за резерви.