Бразилецот Винисиус јуниор сè уште нема постигнато договор со Реал Мадрид за продолжување на договорот кој истекува во 2027 година, иако разговорите започнаа во позитивна атмосфера. Главна пречка е висината на платата која тој ја бара – 30 милиони евра нето по сезона, што е значително повеќе од сегашната плата од 17 милиони евра, која ја доби со обновувањето во 2022 година.
Според информациите на „Марка“, раководството на Кралскиот клуб не е подготвено да ја исполни таа сума и покрај одличните настапи на Винисиус. Тој во моментов заработува слично како Килијан Мбапе и малку повеќе од Џуд Белингам, чија плата беше зголемена по фантастичната сезона.
Намерата на Винисиус е да биде најплатен фудбалер во клубот и да заработува повеќе од Килијан Мбапе. Сепак, со тоа веројатно ќе се наруши атмосферата, па раководството грижливо ги мери финансиските понуди за најдобрите фудбалери.
Во обид да добијат подобри услови, агентите на Винисиус јуниор стапиле во контакт со клубови од Саудиска Арабија, но до овој момент не пристигнала конкретна понуда за бразилскиот напаѓач, ниту онаа со која се шпекулира вредна 200 милиони евра.
Ситуацијата дополнително ја комплицира неосвојувањето на ниту еден трофеј оваа сезона. Доколку Реал Мадрид постигнеше поголеми успеси, веројатноста за потпишување нов договор ќе беше поголема. Во моментов преговорите се во застој, а судбината на Винисиус на „Сантијаго Бернабеу“ останува под знак прашалник.