Бетис го совлада Реал Мадрид со 2-1 во натпревар од 26-то коло на Ла Лига, , што им овозможи на домаќините да се искачат на шестата позиција, додека Кралевите ја пропуштија шансата барем со еден освоен бод да застанат на врвот на табелата.
Реал Мадрид го претрпе вториот пораз во 2025 година, по оној од Еспањол во февруари (0-1), ако не се смета поразот од Барселона во Суперкупот на Шпанија. Овојпат, тимот на Карло Анчелоти разочара, особено во офанзивата.
Брахим Дијаз донесе водство за гостите во десеттата минута, но Џони Кардозо израмни во 34-та минута, а поранешниот играч на Реал, Иско, од пенал во 54-та минута донесе пресврт за Бетис.
Критики доби напаѓачкото трио Винисиус – Мбапе – Родриго. Во еден момент Вини јуниор имаше вербален судир со Анчелоти, одбрусувајќи му…„Не ме гњави…“
Мбапе беше заменет во 75-та минута, додека Винисиус, кој делуваше нервозно, доби жолт картон во 86-та минута. Во отсуство на повредениот Дани Себаљос, Лука Модриќ повторно беше стартер, но не успеа да го спречи поразот на својот тим.
Реал Мадрид сега се насочува кон осминафиналето на Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид, а потоа ќе се соочи со Рајо Ваљекано во Ла Лига пред реваншот на „Ванда Метрополитано“.