Ситуацијата во соблекувалната на Барселона е тензична пред утрешното Ел класико и пресметката со Реал Мадрид, медиумите откриваат дека постои незадоволство од одлуките на тренерот Чави Ернандез.
Каталонскиот „Ел Насионал“ пишува дека група од пет фудбалери му завртиле грб на Чави, а проблем не се само слабите резултати во Лигата на шампионите, туку и односите во клубот.
Двајца главни „противници“ на Чави во соблекувалната се неговите поранешни соиграчи, Жерар Пике и Жорди Алба кои сезонава се резерви и тоа тешко им падна.
Покрај нив незадоволни се и Френки де Јонг и Ансу Фати.
Откако Де Јонг одлучи да остане во Барселона по турбулентното лето, тој не успева да обезбеди место во стартната постава на Барселона покрај Бускетс, Педри и Гави.
На Фати му пречи тоа што Рафиња и Осман Дембеле имаат предност пред него, иако минатата година и од навивачите, и од тренерот беше најавуван како наследникот на Лионел Меси.
Меѓу критичарите на Чави Ернандез се наоѓа и Мемфис Депај кој изминатото лето беше пред заминување од „Камп Ноу“, а сега е резерва на Роберт Левандовски.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта засега има доверба во тренерот.
„Имам целосна доверба во Чави, тој е одличен тренер и сигурно дека ќе ни донесе успеси во иднина. Чави одлично го познава клубот и ја има поддршката од управата“, изјави Лапорта.