Проблеми за Бостон, се повредија Тејтум и Смарт

Непотребни проблеми се појавија во редовите на Бостон селтикс на неколку дена пред почетокот на плејоф-серијата. Келтите за противник во првата рунда го добија тимот на Индијана пејсерс, а голема е веројатноста во првиот меч да настапат без Џејсон Тејтум и Маркус Смарт.

Двајцата клучни играчи на Бостон се повредија ноќеска, во поразот од Орландо (108:116), и тоа во првата четвртина, па јасно е дека нивното отсуство на теренот влијаеше врз конечниот исход од овој меч. Тејтум заработи силен удар во пределот на левиот колк, додека Смарт ги истегнал стомачните мускули по еден воздушен дуел со Никола Вучевиќ, центарот на Орландо.

Засега нема конкретни информации околу нивната сојстоба, ниту тренерот Бред Стивенс не знае дали двајцата ќе бидат подготвени за настап до стартот на разигрувањата.

„Поентата во дуелот со Орландо беше да ги одржам стартерите во ритам во пресрет на плејофот, додека да им овозможам што поголема минутажа на играчите кои имаат помала улога во тимот. Тејтум и Смарт се многу важни играчи за нас, не знам дали ќе бидат во можност да играат во првиот меч против Индијана, а не очекувам да се појават на теренот ниту во вторник, во последниот натпревар од регуларниот дел“, истакна Стивенс.

Регуларниот дел од сезоната Бостон го завршува со гостување кај Вашингтон визардс, меч кој е предвиден за 10 април, додека како четвртопласирана екипа од Истокот ќе има предност на домашен терен да ги започне разигурањата против Индијана пејсерс, кои стартуваат на 13 април.

- Оглас -

Најнови вести