Тренерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола има големи главоболки со својот напаѓач Ерлинг Халанд кој сè уште има проблеми со повредата на стапалато.
Халанд последниот натпревар го одигра на шести декември кога Сити загуби од Астон вила, а потоа пропушти осум меча на кои Граѓаните остварија седум победи и едно реми.
Пред денешното гостување кај Њукасл, Гвардиола потврди дека Халанд ќе одмора до крајот на месецов, откако лекарскиот тим проценил дека напаѓачот сè уште не е подготвен за враќање на терените.
„Се надеваме дека ќе биде подготвен до крајот на месецов. Ова е малку посериозно. Но, во прашање е коска и потребно е време за да се рехабилитира целосно. Морам да бидам искрен, ни недостасува“, рече Гвардиола.