Новак Ѓоковиќ е во исчекување дали ќе настапи и ќе ја нападне рекордната шеста титула на АТП мастерс турнирот во Индијан Велс.
Српскиот рекет, кој ја нема примено вакцината против ковид 19, е ставен во ждребот и доколку му биде одобрен настап, тој ќе биде слободен во првото коло.
„Ѓоковиќ е на листата на натпреварувачи и е дел од ждребот. Во моментов сме во комуникација со неговиот тим, но и понатаму не е одредено дали ќе настапи бидејќи потребно е ‘зелено светло’ од центарот за контрола и превенција на болести на САД. Кога ќе имаме повеќе информации, ќе се обратиме кон јавноста“, стои во соопштението на организаторот на овој турнир.
Како што напишавме, Новак е слободен во првото, додека во второто коло ќе се соочи со Австралиецот Џордан Томпсон. Патот до рекордната, шеста титула ќе биде исклучително тежок бидејќи тој е проектиран да игра против Енди Мареј, Матео Беретини, Александар Зверев, Марин Чилиќ, Андреј Рубљев.
Почетокот на овогодишниот Индијан Велс е закажан за понеделник, 14 март.