Светската фудбалска федерација (ФИФА) соопшти дека се продадени повеќе од милион влезници за женското Светско првенство кое идниот месец ќе се игра во Австралија и Нов Зеланд. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, соопшти дека до денеска се продадени точно 1.032.884 влезници.
https://twitter.com/OptusSport/status/1666928711927734272?s=20
„Мило ми е што можам да ја споделам веста дека е надмината бројката од милион продадени влезници за женското Светско првенство. Остана повеќе од еден месец до почетокот. Тоа значи дека ова СП е на добар пат да стане најпосетено во историјата на женскиот фудбал“, изјави Инфантино.
На женското СП ќе учествуваат 32 репрезентации и ќе бидат одиграни 64 натпревари. Мундијалот ќе се одржи од 20 јули, првиот натпревар ќе се одигра во Оукленд, Нов Зеланд, а финалето ќе се игра на 20 август во Сиднеј. Актуелен светски шампион е репрезентацијата на САД.