Продолжува бајката на Фрајбург, сега ги дели еден меч од историја

Екипата на Фрајбург продолжува со одличните резултати сезонава. Тимот кој е на петтото место во Бундеслигата и се бори за позиција во Лигата на шампионите синоќа испиша историски момент.

Фрајбург со 3:1 го победи Хамбургер на гости и за првпат во клупската историја се пласира во финалето на Купот на Германија. Петерсен, Хофлер и Грифо уште во првото полувреме погодија за гостите и воопшто не му дозволија на второлигашот да се понадева на успех.

Со трите гола постигнати во првото полувреме, Фрајбург стана само вториот тим во историјата на Купот кој успеал да даде три погодоци на гостински терен во полуфинален меч во првите 45 минути. Претходно тоа му успеало само на Баерн Минхен во далечната 1984 година, кога беше 3:2 за Баварците.

Фрајбург исто така е и првиот тим по Вердер до 2009 година што стигнал до финалето на Купот, иако во сите мечеви од претходните кола играл на гостински терен.

Во финалето на Купот, Фрајбург ќе игра со подобриот од денешниот дуел меѓу Лајпциг и Унион Берлин.

- Оглас -

Најнови вести