Фудбалската репрезентација на Македонија ја победи Ерменија со 0-2 во Ереван и речиси го осигура првото место на табелата пред ноемврискиот последен мини циклус од Лигата на нации. Бојан Миовски постигна феноменален погодок во 72-та минута, а потоа и Исник Алими погоди можеби и уште поубаво од далечина, носејќи голем триумф за нашиот национален тим, втор против Ерменија и трет во четирите меча досега во ЛН.
Можеби и уште поважно, сега Македонија има 10 бода и конкурентна е и како една од четирите селекции кои би можеле да добијат и место во баражот за мундијалски пласман.
Во петтата минута Македонија постигна гол. Милиметри решаваа дали ќе биде погодок, но ВАР технологијата застана на страна на Ерменците откако Никола Серафимов ја погоди мрежата на домаќинот со удар со глава по центаршутот на Елиф Елмас од левата страна. По подолга проверка, на крајот беше досудена офсајд позиција. И доколку беше, сигурно се работи само за неколку милиметри.
Ерменците се обидуваа да напаѓаат во бранови, но најчесто грешеа при последното додавање или пак шутот кон голот на Димитриевски беше непрецизен.
Во 15-тата минута Хофханисјан шутираше над голот, а многу посериозна беше заканата на Едуард Спертсјан во 32-тата минута. Но, и неговиот удар заврши надвор од рамките на македонскиот гол.
Во 45-тата минута, најдобрата шанса за Ерменија во првиот дел. По нафрлувањето од десната страна, Миранјан упати удар со глава, но за среќа, за малку крај дирекот.
На почетокот на второто полувреме, Миранјан продолжи таму каде што застана непосредно пред одморот. Не реализира уште една одлична шанса, откако шутираше од десетина метри по уфрлувањето од левата страна, но Столе Димитриевски со одлична интервенција успеа да одбрани.
Енис Барди во 62-та минута понуди еден од своите специјалитети. Слободен удар откосо од левата страна, далечина можеби и 30 метри, но шутираше директно кон голот, а Огњен Чанчаревиќ едвај одбрани. Одбиената топка не успеа да ја зафати Дарко Велковски.
Три минути подоцна се закани и Ќамили со левата нога, но не беше прецизен.
Македонија поведе во 72-та минута. Елмас и Барди одиграа одлично пред шеснаесетникот на Ерменија, а Исник Алими на спротивната страна го забележа осамениот Бојан Миовски. Напаѓачот на Жирона откосо од десната страна со одличен удар пласираше во спротивниот агол и постигна феноменален гол за водство од 0-1. Овој погодок може да го видите ТУКА.
Кога веќе ја отворивме Ерменија, потоа следеше и уште еден фантастичен гол. Исник Алими упати проектил од работ на шеснаесетникот во 85-тата минута и ја „распара“ мрежата на Чанчаревиќ.
ЛИГА НА НАЦИИ
ЕРМЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 0-2 (0-0)
Стадион „Вазген Саргсијан“ во Ереван. Гледачи: 14.000. Судија: Стјуарт Атвел (Англија). Стрелец: Миовски 72′, Алими 85′ (Македонија). Ж. картони: Цалисир, Иву (Ерменија), Манев (Македонија).
ЕРМЕНИЈА: Чанчаревиќ, Хофханисјан (74′ Дашјан), Харојан, Цалисир (65′ Харутјунјан), Тикнизјан, Мурадјан (80′ Мавелјан), Иву, Спертсјан, Бичакчјан (74′ Севикјан), Миранјан (65′ Ранос), Зеларајан.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Серафимов, Зајков, Манев (54′ Велковски), Алиоски, Димовски (54′ Ќамили), Алими, Атанасов (54′ Костадинов), Барди (86′ Ашковски), Елмас, Миовски (79′ М. Ристовски).