Промовиран документарецот „Леле луѓе што направивме, радувај се Македонијо“

По повод десетгодишнината од огромниот успех на македонската кошаркарската репрезентација, која беше четврта на Европското првенство, денеска беше одржана прес-конференција за промоција на документарниот филм „Леле луѓе што направивме, радувај се Македонијо“. Насловот е инспириран од легендарната изјава на Владо Илиевски по победата над Литванија во четвртфиналето.

„Благодарност до сите за идејата и реализацијата. Во Литванија почна нова ера, тој успех ни даде самодоверба. Да се почувствуваме дека сме достојни за врвни резултати. Спортска Македонија после тоа е посамоуверена“, рече првиот човек на Олимпискиот комитет, Даниел Димевски, кој во 2011 беше претседател на Македонската кошаркарска федерација.

„Како да се подзаборави резултатот од Литванија, среќен сум што ќе се потсетиме на овие убави моменти. Овој филм ќе не потсети на сè што се случуваше тогаш. Ќе остане запишано како најголем успех на македонскиот спорт“, изјави тогашниот селектор Марин Докузовски.

„Во нашите сеќавања, ЕП 2011 ќе остане до крајот на животот, младите ќе може да видат дека и ние можеме да бидеме со врвни резултати“, вели Тодор Гечевски, кој поради повреда ги пропушти полуфиналето и мечот за трето место.

Премиерата ќе биде на 14 ноември, во 20.45 часот на ТВ 24.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести