Форест Грин Роверс, клуб познат по својата посветеност на одржливоста, оваа недела го претстави новиот дрес за дома и на гости. Тоа е првиот целосно вегански фудбалски дрес во светот.
Сепак, наместо очекуваните пофалби, новиот дрес предизвика лавина од негативни коментари меѓу навивачите, кои го опишаа дизајнот како „одвратен“ и „ужасен“.
Новиот дрес, изработен во светлорозови и зелени тонови со леопардски принт, е целосно рециклиран и ќе се носи во следните две сезони. Клубот објави дека на овој начин сака да го намали текстилниот отпад и да го олесни финансискиот товар за навивачите кои досега купуваа нови дресови секоја година.
„Сакаме да ги поместуваме границите кога станува збор за одржливост. Нашата нова опрема е направена од материјали на растителна основа, вклучувајќи ги и боите што ги користиме – аспект што често се занемарува“, рече претседателот на клубот, Дејл Винс.
Новиот дрес е дизајниран во соработка со Веганското друштво и произведен од „Рефло“, компанија специјализирана за одржлива спортска опрема. Клубот нагласува дека по употребата, дресот ќе биде расклопен и повторно употребен за производство на нови производи.
Но, додека клубот продолжува да ги поместува границите во однос на екологијата, реакциите на навивачите на дизајнот беа сè само не позитивни.
„Па, ова е апсолутно одвратно“, напиша еден корисник на социјалните мрежи.
„Храбро!? Луѓе, тоа не е смело, тоа е едноставно ужасно“, коментираше друг.
„Искрено, не мислев дека може да биде полошо од претходниот дрес, но ова е врвот“, додаде трет.
Навивачите ќе мора да издвојат 50 евра за новиот дрес и покрај критиките за неговиот изглед. Дресот ќе се користи до крајот на сезоната 2026/27.
За потсетување, Форест Грин Роверс се познати како најодржливиот фудбалски клуб во светот. Во 2015 година тие станаа првиот целосно вегански клуб, додека во 2011 година го отстранија црвеното месо од менито на нивниот стадион „Њу Лаун“.
По краткиот престој во Лига Еден во 2022 година, клубот сега е во Националната лига (петто ниво), каде што ќе играат втора сезона по ред, под водство на новиот менаџер Роби Севиџ.