Фудбалската репрезентација на Македонија ќе се загрева за гостувањето кај Велс со пријателски меч против селекцијата на Летонија во Скопје. Иако сите погледи се насочени кон Кардиф и натпреварот кој ќе одлучува за втората позиција во групата и подобра позиција во баражот за пласман на Светското првенство 2026, секоја победа е добредојдена, макар и на пријателски меч.
Македонија и Летонија во минатото имаат одиграно пет меѓусебни натпревари и на сите пет победата ни припадна нам. Овие две селекции првпат играа во 2014 година во Скопје, а Македонија победи со 2-1 во пријателски меч.
Следуваа дуелите од квалификациите за пласман на Европското првенство 2020, Македонија двапати победуваше со 3-1 дома и 0-2 на гости.
Последните дуели против Летонија ги одигравме минатата година во Лигата на нациите. И тогаш Македонија двапати беше поуспешна, со 0-3 на гости и 1-0 на домашен терен.
Имаме „чиста петка“ против Летонија на претходните пет меча, зошто да не биде и „шест од шест“.
Меѓусебни дуели:
05.03.2014 Македонија – Летонија 2:1 (Пријателски натпревар)
21.03.2019 Македонија – Летонија 3:1 (Квалификации за ЕП 2020)
09.09.2019 Летонија – Македонија 0:2 (Квалификации за ЕП 2020)
10.10.2024 Летонија – Македонија 0:3 (Лига на нации)
14.11.2024 Македонија – Летонија 1:0 (Лига на нации)


