Противникот на Македонија се засилува со НБА-играч и тинејџер кој е голема надеж

Кошаркарската репрезентација на Италија во иднина треба да биде засилена со две нови имиња. Претседателот на тамошната Федерација, Џани Петручи, потврди дека наскоро треба пасоши да добијат кошаркари кои треба да бидат големо засилување за националниот тим.

Донте Дивинченцо, бекот на Милвоки бакс, веќе прифатил да добие италијански пасош, а со тоа и можност да игра за Аѕурите. Овој играч сезонава во НБА има просек од малку повеќе од девет поени по меч.

Освен Дивинченцо, пасош треба да добие и еден голем талент, а тоа е Паоло Банчеро. Се работи за 18-годишен играч висок 206 сантиметри кому му се предвидува блескава кариера. За него се интересираат најдобрите колеџ-тимови во САД, како што се екипите на Дјук, Кентаки и Северна Каролина.

Италијанската кошаркарска репрезентација е во група со Македонија, Естонија и Русија во квалификациите за пласман на Европското првенство. Место на завршницата обезбедуваат три селекции. Италија утревечер на свој терен ќе ја пречека Русија, а Македонија игра против Естонија. Македонскиот селектор Александар Тодоров верува дека со помош на публиката, нашата селекција може да стигне до првата победа во квалификациите.

 

- Оглас -

Најнови вести