Женската ракометна репрезентација на Македонија го доживеа првиот пораз во квалификациите за пласман на ЕП кое кон крајот на годината ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија.
Ракометарките во СЦ „Борис Трајковски“ загубија од Шпанија со 19:31 во рамките на третото квалификациско коло. Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски во првите две кола славеа над Азербејџан (40:17) и Литванија (31:28) и направија голем исчекор кон пласманот на ЕП, но вечерва загубија од фаворизираната Шпанија, која го задржа максималниот ефект.
Ракометарките на почетокот од мечот играа солидно и му парираа на фаворизираниот противник, кој во завршницата од првото полувреме направи серија од 0:5 и поведе со 10:17.
Дилемите околу победникот беа решени во првите осум минути од второто полувреме, кога Шпанија постигна шест гола по ред и поведе со 11:23. На крајот Шпанките славеа со убедливи 19:31.
Сара Ристовска ја предводеше листата на стрелци кај Македонија со шест постигнати гола, додека Александрина Барбоса даде седум гола кај Шпанија.
Овие две репрезентации в недела во Ланзароте повторно ќе играат меѓу себе.
Клучните натпревари за ракометарките кои треба да ѝ донесат заверка на второто место во групата 5 и пласман на ЕП ќе се играат на почетокот од април, прво избраничките на Грчевски ќе играат против Азербејџан на гости, а потоа ќе ја пречекаат Литванија.