Една од најчудните одлуки во екот на пандемијата со ковид-19 ја донесоа Англичаните и се однесува на сите фудбалери што настапуваат во Шампионат лигата, меѓу нив и македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски.
По првиот тест што ќе биде на товар на клубот, во случајот на Алиоски ќе го плати Лидс, потоа сите фудбалери ќе мораат сами да се тестираат на ковид-19.
Ваква одлука донесе раководството на втората по квалитет лига во Англија, популарната ЕФЛ, и е неверојатна. Предвидено е првото тестирање да биде денеска и утре за сите клубови во нивните простории, а потоа секој сам ќе води грижа за тестовите.
Првите тренинзи ќе се одржат од понеделник, а според протоколот, ќе има два посебни протоколи за евентуално заразените со ковид-19.
Сите што ќе имаат позитивни тестови, а немаат симптоми на корона-вирус, ќе бидат во изолација 14 дена, додека фудбалерите што ќе бидат позитивни и покажуваат симпотоми на опасниот вирус ќе одморат 7 дена во карантин и потоа повторно ќе се тестираат.
Сите играчи што настапуваат во Шампионат лигата ќе добијат документ на 26 страни, во кој се прецизно наведени протоколите за тренинг.
Се очекува Шампионат лигата да продолжи во втората седмица од идниот месец, иако има најави дека тоа може да се случи и на 6 јуни.
Лидс, за кого настапува Алиоски, е лидер на табелата со 71 бод на девет кола до крајот на шампионатот пред Вест Бромвич албион со 70. Двете првопласирани екипи ќе бидат промовирани во нови членови на Премиер лигата.
Зад водечкиот тандем се Фулам со 64 бода, Брентфорд и Нотингам форест со по 60 и Престон со 56, па ако успеат да ги задржат сегашните позиции, тие четири екипи би играле плејоф за уште едно место во елитната англиска лига во идната сезона.