Претседателот на Фудбалската федерација на Франција (ФФФ), Ноел Ле Гре, вчера вечерта гостуваше во емисијата „Бартоли тајм“ кај славната тенисерка Мерион Бартоли, која се емитува на радио Монте Карло, и упати отровни стрели кон Зинедин Зидан.
На прашањето што мисли за евентуалниот ангажман на Зидан на клупата на репрезентацијата на Бразил, Ле Гре не го штедеше легендарниот фудбалер, кој е успешен и како тренер.
https://twitter.com/i/status/1612163717222785024
„Зидан во Бразил? Не ме интересира. Тој прави што сака и тоа не е моја работа. Никогаш не сум се сретнал со него и никогаш не сме размислуваме да ја прекинеме соработката со нашиот селектор Дешан. Не би му се јавил доколку ме повика на телефон, бидејќи немам што да му кажам. Зарем да му кажам: Добар ден господине, барајте си нов клуб бидејќи се договорив со Дешан“, рече Ле Гре.
Реакцијата на неговите зборови пристигна експресно, но не од Зидан, туку од напаѓачот на ПСЖ и на репрезентацијата на Франција, Килијан Мбапе. Еден од најдобрите фудбалери на денешницата и кој не крие дека Зидан му е идол, му одговори на Ле Гре преку Твитер.
„Зидан е Франција. Не можеме така да не ја почитуваме легендата“, напиша Мбапе.
https://twitter.com/KMbappe/status/1612192341812445191?s=20&t=CUrmv73exBdDwtUtxlnSyw
Зинедин Зидан до саботата го чекаше повикот од ФФФ за да седне на клупата на Франција, но Ле Гре одлучи да му понуди нов тригодишен договор на актуелниот селектор, Дидие Дешан.
Голем интерес за ангажирање на Зидан пројавуваат Бразил и Португалија кои го сакаат за нивен селектор, а се шпекулира и со Јувентус каде би пристигнал на лето.