Лекарите на данската фудбалска репрезентација се вистинските херои на вториот ден од Европското првенство. Тие беа луѓето кои експресно реагираа кога Кристијан Ериксен изненадно падна на теренот, за време на дуелот против Финска. Капитенот на Данска доби срцев удар, но брзата интервенција на докторите му го спасија животот.
„Не видов како падна. Само ни рекоа дека нешто се случува и дека треба брзо да влезема на терен и да помогнеме. Кога се доближив, видов дека е Ериксен. Лежеше на тревата без свест. Едвај дишеше. Прво му го почувствував пулсот, а потоа сликата нагло се смени. Почнавме да го губиме“, раскажува лекарот на данската репрезентација, Мортен Бусен, кој беше еден од главните спасувачи на Ериксен.
„Бидејќи не видов како падна, немав престава што навистина му се случило. Кога почна пулсот да се губи, започнавме со реанимација. Тука беше и докторот од стадионот. Бевме цела екипа. Сите заедно работевме и на крајот успеавме да го вратиме Кристијан во живот. Тоа беше сјајна тимска работа“, додава докторот Бусен, кој открива дека потоа дури успеал и да разговара со Ериксен и констатирал дека фудбалерот полека, но сигурно се опоравува.