Напаѓачки фудбал без многу калкулации се игра во Скопје на мечот меѓу Македонија и Австрија, а првото полувреме изобилуваше со шанси и беа постигнати два гола. И двата во режија на гостите, но резултатот е 1:1.
Австрија почна ултраофанзивно, а Столе Димитриевски нè држеше во живот. Му одбрани два зицери на Марко Арнаутовиќ, а Мартин Хинтерегер во 18-тата минута ни донесе и радост, со комичен автогол.
Стоперот на австриската репрезентација и на Ајнтрахт Франкфурт се обиде со глава да ја врати топката кон голманот Линднер по центаршутот на Езџан Алиоски и си ја погоди својата мрежа.
Потоа Македонија воспостави рамнотежа, имавме и шанси за втор гол, но, за жал, го постигна Валентино Лазаро во 39-тата минута. Се проби по левата страна и го совлада одличниот Димитриевски за 1:1.