Сезонава фудбалската Лига на шампиони ќе биде осиромашена со неприсуството на големи ѕвезди како Кристијано Роналдо, Лионел Меси, Нејмар, Карим Бензема, но тоа значи простор за младите ѕвезди како Халанд, Мбапе, Винисиус и останатите.
За првпат по 20 сезони во ЛШ ќе ги нема ни Роналдо ни Меси, двајцата најдобри стрелци во историјата на ова натпреварување. Португалецот игра во Саудиска Арабија, Аргентинецот во САД, па на телевизија ќе треба да ја гледаат ЛШ во која имаа многу незаборавни моменти.
Двајцата одиграа по 19 сезони во ЛШ, Роналдо е прв стрелец со 140 голови на 183 средби, Меси е втор, даде 129 гола на 163 меча. Трет на вечната листа е Роберт Левандовски со 91. Полјакот е во Барселона и тој е најблиску да стане третиот со бројка од 100 гола.
Килијан Мбапе има 40 гола на 61 настап, а рекордот на Роналдо некогаш во иднина би можело да го загрози Ерлинг Халанд, кој има 35 погодоци само на 30 меча во ЛШ и ако продолжи во ваков ритам (просек од 1,17 голови по меч), за десетина сезони би го стигнал Роналдо.