Работнички и Блокотехна ќе играат мајсторка за влез во финалето

Блокотехна убедливо со 93:79 го победи Работнички и израмни на 2:2 во победи во полуфиналето од плејофот на македонското кошаркарско првенство. Гевгеличани уште еднаш покажаа дека на свој терен се доминантни против шампионот.

Уште во првата четвртина Блокотехна започна агресивно и стигна до двоцифрена предност од 27:16. Домаќините не попуштија и во вториот квартал, па на полувреме заминаа со предност од 49:33. Работнички немаше сили во вториот дел да се врати во игра, па останува да ја чекаме мајсторката.

Пен со 29 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, а одлични беа и Фундербург (19 поени), Николиќ (18) и Мијатовиќ (17 поени). Кај Работнички најпрецизен беше Костов со 18 поени.

Решавачкиот петти меч се игра во вторник, во „Борис Трајковски“ во Скопје. Победникот од овој меч во финалето ќе игра против МЗТ Скопје Аеродром.

- Оглас -

Најнови вести