32.8 C
Skopje
четврток, 17 јули 2025

Работнички и Силекс се надеваат на чудо на дуелите од Конференциската лига

Вардар има комфорна предност, но Работнички и Силекс доживеаја порази на првите натпревари од воведното квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА. Работнички загуби со убедливи 3-0 од Торпедо-Белаз на неутрален терен во Унгарија, додека Силекс забележа пораз од 2-0 на гостувањето кај Дечиќ во Црна Гора.

Двата тима денеска ги играат реваншите на домашен терен и се надеваат дека сепак можат да направат спортско чудо и да се пласираат во следната рунда.

Работнички од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“ го пречекува Торпедо-Белаз. Романтичарите веруваат дека ќе одиграат многу подобро од првиот меч.

„Нѐ очекува реванш со Торпедо-Белаз и сега имаме целосна слика за противникот. Се надевам дека ќе прикажеме многу подобра игра од првиот меч. Нема да се оптоваруваме со резултатот бидејќи не заслуживме таков пораз. Ќе се фокусираме на нашиот настап и ќе се обидеме да бидеме поорганизирани и поефикасни. Верувам дека тимот ќе одговори на предизвикот – има уште 90 минути и Работнички ќе се обиде да ја анулира негативата“, изјави тренерот Бојан Маркоски.

Оптимизам пројави и капитенот на Работнички, Бесир Демири, кој смета дека тимот може да одигра многу подобро пред домашната публика.

„Свесни сме дека мораме да бидеме подобри од првиот натпревар во Унгарија. Торпедо-Белаз е солидна екипа, но верувам дека можеме да се прикажеме во многу поинакво светло. Ако ги сведеме грешките на минимум и ги исполниме тактичките барања, можеме да се надеваме на многу подобар резултат“, истакна Демири.

Силекс од 19 часот ќе игра против Дечиќ на стадионот на ФФМ. Кратовци имаат два гола негатива од првиот меч во Црна Гора.

„Знаеме што нѐ чека и сме свесни за тежината на задачата. Сепак, им верувам на играчите – верувам во нивниот квалитет. Можеби делуваше дека Дечиќ е лесен противник, но се покажа дека станува збор за сериозна екипа. Ќе мора да бидеме трпеливи и паметни. Првиот гол е клучен – ако успееме рано да погодиме, ќе ја вратиме неизвесноста“, изјави тренерот на Силекс, Александар Васоски.

Капитенот Дарко Анѓелески верува дека Силекс може да направи пресврт.

„Нѐ очекува тежок натпревар. Но, ние работевме напорно изминативе денови. Сметам дека сме подготвени и за 90 минути да стигнеме до посакуваната победа“, изјави Анѓелески.

- Оглас -

Најнови вести