Работнички ја доби „мајсторката“ со Блокотехна, титулата ќе ја брани против МЗТ

Мајсторката во полуфиналната серија меѓу Работнички и Блокотехна му припадна на актуелниот шампион со конечни 88:78. Избраниците на Марјан Докузовски беа подобри од гевгелискиот состав во мечот кој се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ и воедно закажаа битка за нова титула против актулениот вицепрвак и вечен ривал МЗТ Скопје. Најквалитетните кошаркарки екипи од регионов ќе ја репризираат ланската финална серија, по која Работнички ја освои 15-тата титула во својата историја.

Во крајно неизвесната пресметка, прва иницијатива повлекоа гостите, но кошаркарите на Работнички со серија од 12-3 ја презедоа контролата врз резултатот. Во исто темпо продолжија двете екипи и во вториот период, кој повторно им припадна на домаќините и на паузата заминаа со минимална преднос при 43:41.

Во средината од третиот период шампионот стигна до првата посериозна предност од +7, но Блокотехна успеа да се врати во игра, по што неизвесната битка продолжи и во последните 10 минути од мечот. Домаќините влегоа со +9 во последните четири минути, негатива која овојпат екипата од Гевгелија не успеа да ја анулира.

Костов со двоен учинок од 27 поени и 10 скока беше лидер на најтрофејниот македонски тим, додека Чековски и Јаневски додадоа по 16 поени. Мијатовиќ со 22 поени беше најрасположен кај поразените.

 

- Оглас -

Најнови вести