Работнички го разби Пелистер со 95:56, а Блокотехна како гостин го совлада Фени индустри со 76:66, во вторите два меча од денешната програма од 2. коло во првата кошаркарска лига. Колото ќе заврши утре, со дерби дуелот на Куманово и Гостивар.
Во „Градски парк“, Работнички дојде до лесно освоени два бода. Во 7 минута беше 17-11, а тогаш „црвено-белите“ за три ипол минути направија огромна серија од 17-0 (девет поени на Јанески и осум на Ефремовски) и уште по десет минути игра го одлучија победникот. Јанески средбата ја заврши со 22 поени за помалку од 19 минути игра, а Работнички не го користеше Мираковски. Билер и Херис беа двоцифрени на Пелистер.
Во Кавадарци, Блокотехна победи благодарение на одличното издание во втората четвртина која ја доби со 23-10. Творци на триумфот беа Младеновиќ, Мијатовиќ и Гаидус. Проблем за Фени беше скромниот придонес на резервистите.