Работнички, МЗТ и Фени лесно до нови бодови

Работнички во Гевгелија го победи Кожув со 84:73, во најинтересниот денешен меч од првата кошаркарска лига на Македонија. Тимот од скопски „Градски парк“ имаше континуирано водство, во првото полувреме даде 57 поени, па гевгеличани во второто полувреме успеаја само да го ублажат поразот. Костов со 24 и Караџовски со 15 поени беа најефикасни кај лидерот на табелата.

Во другите две пресметки, МЗТ Скопје Аеродром со комбиниран состав славеше против Вардар со 102:67, додека во Кавадарци, Фени индустри немаше проблем со Шкупи и победи со 101:78.

„Штрковите“ од Аеродром предводени од центарскиот тандем Младеновски-Самарџиски, го скршија отпорот на вардарци кои беа добри во првата четвртина. Фаворитот беше многу подобар во завршните 30 минути, а најрасположени беа високите Младеновски и Самарџиски кои уфрлија по 23 поени, па за МЗТ не беше проблем што утна 15 слободни фрлања. Самарџиски имаше и 12 скока, а неиграњето на Иванов и Маслинко го искористи крилниот центар Мамузиќ со 20 поени.

И Фени искористи шанса да ги одмори речиси сите главни играчи. Совладана е екипата на Шкупи во меч на кој Бакоч даде 32, а Мелов 25 поени.

Утре играат Куманово – АВ Охрид и Пелистер – Блокотехна, а слободен во ова коло е Гостивар.

- Оглас -

Најнови вести