28.8 C
Skopje
вторник, 26 август 2025

Работнички постигна 16 гола против нисколигашот Карбинци во Купот на Македонија

Работнички ја отвори сезоната во Купот со спектакуларна победа, совладувајќи го тимот на Карбинци со неверојатни 0-16. Клубот од Дебар Маало беше единствен прволигаш без постигнат гол во првите три кола од ПМФЛ, но даде и премногу на овој куп-натпревар.

Ова е втората најубедлива победа во историјата на натпреварувањето во Купот, надминувајќи го рекордот на Вардар (16-1 против Пролетер), а единствено пред Работнички останува историскиот резултат 22-0 на Брегалница против Ново Црнилиште.

На полувреме во Карбинци веќе беше 0-9, а во вториот дел Романтичарите додадоа уште седум погодоци. Во листата на стрелци се запишаа Николовски (2), Далеј (2), Демири, Мециновиќ, Кадриу, Асани (2), Ангелов, Елези, Бошњаков, Жаку (2) и Хоџа (2).

Со убедлив настап стартуваше и Брегалница, која на гостувањето кај Победа Валандово славеше со 0-6. Силекс исто така беше убедлив и победи против Евротип со 1-7. Сепак, уште поефикасни беа фудбалерите на Македонија ЃП кои славеа против Љуботен со 0-14. Тие формално беа гости, иако мечот се играше на стадионот во Ѓорче Петров.

Од прволигашите елиминирана е Брера, која на пенали (5-3) загуби од Охрид откако во регуларниот тек мечот заврши 1-1. И Башкими го заврши настапот во Купот откако на домашен терен загуби од Детонит Плачковица со 1-4.

- Оглас -

Најнови вести