На Работнички „му легна“ играњето како домаќин во „Борис Трајковски“, и ја совлада Блокотехна со 87-79 во првиот нивен меч од полуфиналето на плејофот во македонското кошаркарско првенство.
Најтрофејниот македонски клуб и актуелен првак, загуби од гевгеличани во претходните две меѓусебни пресметки во Суперлигата, но тоа беа мечеви кои се играа надвор од Скопје. Во Скопје, Блокотехна нема триумф над тимот на тренерот Марин Докузовски.
Ефикасната игра на „црвено-белите“ во првата и третата четвртина беше решавачка. На една и пол минута до крајот, Блокотехна дојде на негатива од шест поени разлика, имаше и напад, но Фундербург утна обид за тројка и тоа беше пропуштање на последната шанса да се направи пресврт.
Ѓорѓи Чековски со 25 поени и реализира 9/9 за двојка, беше прв стрелец. Крстевски даде 21 поен, Караџовски 14 поени и 11 асистенции, додека Костов иако е бек, собра дури 15 скока. Кај Блокотехна се истакнаа Фундербирг со 20 поени и Мијатовиќ со 19 поени и 10 скока.
Наредниот меч се игра во сала „НБ Ноел“ во Негорски бањи, а во финале оди екипата која во оваа серија прва ќе дојде до три победи.