Некогашниот кошаркарски првак Работнички последен дочека да се израдува на победа во домашното првенство. Тимот од Градски парк дури во петтото коло стигна до првиот триумф, откако во драматичен меч со 83:82 го победи ТФТ.
Работнички добро го отвори мечот и поведе со 17:9 и потоа константно имаше контрола на резултатот, но буквално во последните секунди од првото полувреме ТФТ стигна до предност од 41:40. Ова беше најава за интересно второ полувреме, а така и беше.
Домаќинот и во третата четвртина играше добро, па Работнички стигна и до најголемата предност од девет разлика (58:49). Сепак, во последната четвртина ТФТ се врати, резултатот беше израмнет 68:68 и од тој момент, па до крајот ниту една од екипите немаше поголема предност од три поени.
Беше 81:81, Работнички даде два поени, а потоа ТФТ преку искусниот Александар Костоски реализира само едно слободно фрлање. Потоа Костоски имаше уште една шанса и шут за победа, но промаши, па домаќините се радуваа на крајот.
Драматично беше и во Куманово, каде што на крајот гостинот Пелистер победи со 81:78. За Пелистер ова е четврта победа во петтото коло, додека Куманово го претрпе четвртиот неуспех сезонава.