Фудбалската репрезентација на Србија во Лигата на нациите ќе одигра два натпревари со силни противници, утре ја чека Шпанија во Белград, а потоа в недела гостува во Данска, а Орлите ќе бидат некомплетни поради наводен бојкот на селекторот Драган Стојковиќ.
Ќе ги нема Душан Влаховиќ, Александар Митровиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Милош Вељковиќ, Немања Максимовиќ и Алекс Терзиќ. Популарниот Пикси наведе дека сите имале оправдување за недоаѓањето во репрезентацијата, но многумина веруваат дека ова всушност е бунт и не сакаат да играат додека селектор е Стојковиќ.
Поранешниот фудбалер, а сега познат ТВ-аналитичар, Раде Богдановиќ, повторно „удри“ по Стојковиќ, но и претседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија, Драган Џајиќ.
„Причината поради која играчите не сакаа да дојдат е незадоволството од тренерот. Влаховиќ нема да игра десен играч за врска во репрезентацијата“, изјави Богдановиќ за ТВ Блиц и продолжува:
„За мене е нелогично селекторот на ЕП да го смени првиот голман по три години, и тоа со кратко објаснување. Овие фудбалери не сакаат да играат, измислувале причини да откажат“, рече Раде.
Богдановиќ остро го критикуваше и легендарниот Џајиќ, кој на 78 години е претседател на ФСС.
„Во ФСС има картел. Сите си заминуваат, остануваат само селекторот и претседателот. Ако Србија сака да гледа во иднината, ѝ треба младост и енергија. Џо Бајден нема да биде кандидат на изборите за претседател на САД. Џајиќ е нашиот Бајден, има 78 години и време е да си оди. Ако има некаков морал и чесност“, искоментира човекот кој нема влакна на јазикот и јавно го кажува она што многумина го мислат.