Селекторот на Романија Мирел Радои и дефанзивецот Влад Кирикеш очекуваат тежок и неизвесен меч против Македонија, утре во Скопје од 20.45 часот во квалификацииите за настап на Мундијалот во Катар.
Гостите имаат многу проблеми и останаа без неколку важни играчи поради повреди и Ковид-19. Утре на националната арена „Тодор Проески“ за Романија нема да играа Хаџи, Алибек, Танасе, Драгуш и Ротариу.
„Имаме доста маки, а отсуството на Јанис Хаџи е само допонителен проблем во целата ситуација. Но, мора да одиграме добро и без отсутните играчи, бидејќи ова е многу важен меч.
Македонија игра поинаку од игрите што ги прикажуваше во Букурешт на Европското првенство. Играат побрзо, без Горан Пандев играат и во поинаква формација и секако се опасен ривал. Посебно треба да внимаваме на Барди и на Елмас, кои се мотори во селекцијата на Македонија. Имаат и нов селектор и иако одиграа двапати нерешено беа подобри и од Ерменија и од Исланд. Ова е многу важен меч за двете репрезентации, а се надевам дека ние ќе бидеме поуспешни“, изјави Радои.
Влад Кирикеш, кој е еден од најискусните и најпознати репрезентативци на гостите очекува неизвесен меч, иако потенцира дека и Македонија има проблеми, и дека на домаќините многу ќе им недостасува Горан Пандев.
„Знаеме кој е Горан Пандев и знам дека многу им недостасува на домаќините. Мора да внимаваме, Македонија играше на Европско првенство, одигра и два добри натпревари со новиот селектор и очекувам тежок и неизвесен меч“, рече Кирикеш.
Романија по пет кола е на третото место со 9 бода, еден повеќе од Македонија и јасно е дека овие две селекции, заедно со Ерменија ќе се обидат да стасаат до второто место во Ј групат што води во бараж за настап на Мундијалот во Катар идната година.