Рахим Стерлинг убеден дека било пенал: Ми ја допре ногата, чист пенал!

Рахим Стерлинг се најде во главна улога во најспорниот момент на Европското првенство 2020 година, а тоа беше во синоќешното полуфинале против Данска. Напаѓачот на Манчестер сити тргна во напад, влезе во противничкиот шеснаесетник, а потоа падна, по што судијата покажа дека има пенал.

Бидејќи се работеше за сомнителна ситуација околу тоа дали имало фаул или не, веднаш се вклучи и ВАР-системот, кој потврди дека имало контакт меѓу Стерлинг и противничкиот играч. Сепак, многумина сметаат дека интензитетот на контактот не е толку силен за Стерлинг да падне и да добие пенал, туку се работело за глума.

По мечот, самиот Стерлинг ја објасни целата ситуација.

„Влегов во шеснаесетникот и тој (Мехле) ја постави неговата нога и ја допре мојата нога. Тоа беше чист пенал“, рече Стерлинг, кој додаде дека е задоволен од тоа како одиграл целиот тим против Данска. „Одигравме одличен меч, но моравме многу да се намачиме за да победиме. На овој меч и првпат примивме гол на турнирот“, додаде Стерлинг, кој сега е во центарот на вниманието околу тоа дали и колку фаулот беше за пенал.

Освен што постојат дилеми дали било пенал или не, повторената снимка покажа уште еден спорен детаљ, а тоа е дека во акцијата по која беше досуден ударот од најстрога казна, на теренот имало две топки и играта морала да биде сопрена.

 

- Оглас -

Најнови вести