Голден Стејт вориорс ни на домашен терен не ја искористи меч-топката за пласман во следното коло на НБА плејофот, па сега на гости во Хјустон ќе треба да се вади да не доживее болна елиминација во серија во која водеше со 3-1 во победи.
Воините се поразени во шестиот меч со 107-115, па ќе се игра мајсторка. Фред Ван Влит со 29 поени и по 8 скока и асистенции, и Алперен Шенѓун со 21 поен, 14 скока и 6 асистенции, беа творци на победата на Ракетите.
Фановите на Голден стејт се загрижени бидејќи се сеќаваат на легендарното големо финале во 2016 година кога нивниот тим водеше со 3-1, но не стана шампион, а тоа е последен пат кога Вориорс морал да игра мајсторка после предност од 3-1.
Стеф Кари кој има 37 години, даде 29 поени, но синоќа играше дури 42 минути, останува да се види колку ќе биде свеж за мајсторката в недела. Откако Стив Кер е тренер на Голден стејт, тимот никогаш не бил елиминиран во првото коло на плејофот.